Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА – Скопје објавува отворен повик за 5 млади учесници и 1 лидер на група за Еразмус+ младинска размена (youth exchange) „Pollinate Your Life“, која ќе се одржи во Велка Лодина, близу Кошице, Словачка од 20-ти до 28-ми јули 2026 година.
Младите луѓе денес често се соочуваат со предизвици како што се нездрави навики во исхраната, ниска физичка активност и неповрзаност со природата. Во исто време, опрашувачите како пчелите, кои се клучни за нашите прехранбени системи, се под сериозна закана.
Поради тоа младинската размена има за цел да ја подигне свеста за врската помеѓу пчелите и исхраната на луѓето, да промовира поздрав начин на живот преку храна и движење и да инспирира практични чекори кон одржливост и благосостојба во секојдневниот живот. Истовремено, младинската размена цели кон подигнување на свеста за опрашувачите и нивната суштинска улога во прехранбените системи и биодиверзитетот. Проектот ќе комбинира елементи на здравје, екологија и меѓукултурно учење со користење на методи на неформално образование.
На младинската размена ќе учествуваат 30 млади и младински лидери од Македонија, Словачка, Португалија, Италија и Франција.
Услови за учество:
- Лидерот на групата треба да е постар од 21 година и има претходно искуство со младинска работа и неформално образование
- Учесниците треба да се на возраст од 18 до 25 години без потреба за претходно искуство
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на младинската размена
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на проектот и за споделување на своето знаење и искуство
- Согласност да се почитуваат сите правила и задачи за време на проектот поставени од организаторите (види во Инфопак)
- Пасош кој има уште минимум 6 месеци важност од почетниот датум на проектот (потребно за патување)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци до 299€ се целосно покриени од организаторите.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 1000 денари на сметката на ЦЕТ платформа како котизација за учество што ги покрива оперативните, административните и подготвителните активности на здружението поврзани со испраќањете на проектот.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на младинската размената, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните датуми!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Размена во Словачка“.






