Во рамките на K2 проектот „Urban Regeneration“, финансиран преку програмата Еразмус+, се одржа првата локална средба во Куманово. Проектот има за цел да промовира урбана регенерација на напуштени и неискористени јавни простори во трите партнерски земји: Италија, Шпанија и Македонија. Преку активно учество на младите и локалната заедница, овие простори ќе добијат нов живот, на одржлив начин и со користење на рециклирани и повторно искористени материјали.
Како дел од оваа иницијатива, во соработка со волонтерите на ЦЕТ Платформа, беше избран напуштен парк во Куманово кој ќе биде ревитализиран во наредните 6 месеци. Оваа локација беше внимателно избрана поради нејзината моментална состојба — запуштена зелена површина со неискосена трева, уништени бетонски ѕидови, недостиг на реквизити и клупи, и нефункционален летниковец.
На првата средба, младите имаа можност да се запознаат со главната идеја на проектот, целите и планираните активности. Средбата беше наменета за создавање заедничка визија, дискусија за финансиските аспекти, договор за следните чекори и отворено поставување прашања. Учесниците ја прошетаа избраната локација и преку кратка brainstorming сесија понудија идеи за трансформација на просторот.
Втората средба беше целосно посветена на развивање на креативни решенија. Дел од идеите кои произлегоа од младите се:
- Косење на тревата и расчистување на просторот
- Репарирање и боење на бетонските ѕидчиња
- Поставување нови клупи и масички
- Додавање детски реквизити како лулашки и игри
- Креирање вертикални градини и засадување миризливи растенија
- Поставување мала библиотека за размена на книги
- Изработка на графити и уметнички ѕидни илустрации
Проектот има за цел не само физичка трансформација на просторот, туку и создавање чувство на припадност кај младите, поттикнување на активно граѓанство и подигнување на свеста за еколошките прашања и одржлив урбан развој. Во процесот ќе бидат вклучени 20-30 млади од Куманово, заедно со локални жители, организации и претставници на општинските власти.
Во наредните месеци ќе следуваат работилници на теми како што се одржливост, урбана регенерација и креативна употреба на рециклирачки материјали. Преку заедничка работа, споделување на идеи и учење, ќе се реализираат конкретни акции за подобрување на квалитетот на живот во заедницата.
Проектот „Urban Regeneration“ е доказ дека преку малите, локални акции можеме да направиме големи промени за нашата околина и идните генерации.




















