Во рамките на КА2 проектот „Urban Regeneration“, по серијата од првични средби, работилници и тренинг курсот во Италија, започнаа првите практични активности за реализација на нашите идеи за ревитализација на паркчето во Куманово.
Овој дел од проектот означи важен пресврт – преминување од планирање кон конкретна акција. Во текот на изминатите неколку дена, беше спроведен првиот дел од работната акција, во која тимот и волонтерите активно се вклучија во уредување и подготовка на просторот.
Во рамките на акцијата, тревата беше искосена, што значително го освежи изгледот на паркот, а бетонските ѕидчиња беа подготвени за нови уметнички графити, кои наскоро ќе внесат боја и живот во овој јавен простор. Дополнително, летниковецот беше поправен и повторно ставен во функција, овозможувајќи им на жителите и младите повторно да го користат како место за одмор, разговор и дружење. Оваа прва работна акција покажа колку е значајно волонтерството и заедничката грижа за јавниот простор. Со секој зафат, паркот добива нов идентитет – станува посветол, попросторен и повесел дел од урбаното ткиво на Куманово.
Ова е само почеток. Во следните месеци продолжуваме со нови активности, уметнички интервенции и уредувања со цел просторот целосно да се трансформира во мало, зелено и креативно место за сите граѓани.























