Во рамките на проектот „Urban Regeneration“, на 13 септември повторно се одржа работна акција во паркчето во Куманово, како дел од континуираните активности за негово чистење, уредување и целосна ревитализација.
Овојпат, акцентот беше ставен на повторно расчистување на просторот – собирање отпадоци, отстранување паднати гранки и освежување на целата околина. Со заеднички напор на тимот и волонтерите, паркот доби почист, попросторен и повпечатлив изглед, подготвен за нови активности и дружења.
Особено значаен момент од оваа акција беше пристигнувањето на новата масичка за летниковецот, која претставуваше последниот дел што недостасуваше за просторот да ја добие својата целосна слика. Со нејзиното поставување, летниковецот конечно стана функционално и пријатно место, каде младите и жителите од околината можат да се соберат, да уживаат во времето на отворено, да споделат храна, пијалаци, или едноставно да се дружат во мирна атмосфера. Овој мал, но суштински чекор придонесе паркот да се претвори во топол и жив простор кој носи чувство на заедништво и припадност.
Дополнително, оваа акција служеше и како подготовка за настанот “DIE CAST SHOW 2025”, кој следеше наредната недела. Просторот беше повторно исчистен и освежен со цел да биде подготвен за посетителите и активностите што следеа. Со оваа работна акција, уште еднаш се потврди дека преку мала посветеност, волонтерски дух и тимска работа може да се постигнат големи резултати во подобрувањето на заедничките јавни простори.








