Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА – Скопје објавува отворен повик за 4 учесници и 1 младински лидер за Еразмус+ младинска размена „Say YES to human rights!“, која ќе се одржи во Пампорово, Бугарија од 10-ти до 16-ти август 2020 година.
Главна цел на младинската размена е да го зголеми знаењето за историјата и механизмите за заштита на човековите права, особено за важните документи и акции кои се направени во Европа на ова поле. Учесниците ќе научат повеќе за Универзалната декларација за човекови права, институциите кои ги штитат, како и за ситуацијата со човековите права во Европа и светот со посебен акцент на правата поврзани со миграција.
На младинската размена ќе учествуваат 38 млади и младински лидери од Бугарија, С. Македонија, Хрватска, Италија, Словачка, Грција и Шпанија.
Услови за учество:
- Учесниците треба да се на возраст од 18 до 30 години
- Младинскиот лидер/ка треба да биде постар/а од 23 години (без краен лимит) и да има искуство со младински проекти и програмата Еразмус+
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на размената
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на проектот
- Согласност да се почитуваат сите правила за проектот поставени од организаторите (види во Инфопак)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до максимум 180€) се целосно покриени од организаторите.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 600 денари на сметка на здружението како котизација за учество.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на младинската резмена, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните дати!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Размена во Бугарија“.
! Ја следиме внимателно ситуацијата и мерките околу КОВИД-19 пандемијата, па го задржуваме правото да го откажеме нашето учество во проектот доколку оцениме дека Вашата безбедност и здравје може да бидат изложени на ризик.