Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА – Скопје објавува отворен повик за 5 млади учесници и 1 лидер на група за Еразмус+ младинска размена (youth exchange) „Green Defenders“, која ќе се одржи во Самобор, Хрватска од 17-ти до 25-ти април 2023 година.
Главната цел на проектот е да се подигне еколошката свест кај учесниците, да се усвојат здрави животни навики и да се поттикне квалитетно поминување на слободното време во природа и волонтерство. Проектот ќе придонесе за зголемување на квалитетот на животот на младите и ќе отвори нови перспективи поврзани со активност во заедницата, одгледување на сопствена здрава храна и одржлив развој, како и подобрување на руралните средини. Со стекнување и проширување на знаењето, овој проект би ги поттикнал младите активно да се вклучат во заедницата, придонесувајќи за нејзиниот социјален и еколошки развој.
Исто така, проектот има за цел да ја подигне свеста за отпадот што го произведуваме секоја година во нашите земји и како можеме уште од најмала возраст да го подобриме разбирањето на важноста на 5-те Р: Одбиј (Refuse), Намали (Reduce), Реискористи (Reuse), Рециклирај (Recycle), Гнили (Rot).
Услови за учество:
- Групниот лидер треба да е постар од 21 година и има претходно искуство со младинска работа и неформално образование
- Учесниците треба да се на возраст од 15 до 30 години без потреба за претходно искуство
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на младинската размена
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на младинската размена
- Согласност да се почитуваат сите правила за проектот поставени од организаторите
- Пасош кој има уште минимум 6 месеци важност од почетниот датум на проектот (потребно за патување)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до 320€) се целосно покриени од организаторите. Учесниците ќе мора да патуваат со автобус, воз или приватно возило до местото на одржување на проектот, според правилото „Green Travel“ на програмата Еразмус+.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 1000 денари на сметката на ЦЕТ платформа како котизација за учество што ги покрива оперативните, административните и подготвителните активности на здружението поврзани со испраќањете на проектот.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на подготвителниот состанок и на младинската размената, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните дати!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Размена во Хрватска“.