Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА – Скопје објавува отворен повик за 5 млади учесници и 1 лидер на група за Еразмус+ младинска размена (youth exchange) „Pre-qualify IT“, која ќе се одржи во Узана (Габрово), Бугарија од 10-ти до 18-ти септември 2022 година.
Главната цел на овој проект е да се зголеми нивото на дигиталните меки вештини и способности на младите луѓе кои доаѓаат од заедници со низок пристап до дигитално образование и обука, преку организирање на 9-дневна младинска размена во Габрово, Бугарија. Младинската размена ќе ги зголеми дигиталните компетенци, нивото на комуникација, соработка, тимска работа, управување со конфликти, емоционална интелигенција и организациски вештини кај 36 учесници на возраст од 18 до 30 години, кои доаѓаат од Бугарија, Македонија, Италија, Чешка, Хрватска и Србија.
Главните активности на овој проект вклучуваат: дискусии, интерактивни презентации, активности на отворено, игри и интеркултурни вечери. Работните методи се целосно избрани во контекст на неформалното образование и имаат за цел да ја развијат креативноста кај учесниците, нивните комуникациски вештини, вештини за тимска работа и свесност за личниот потенцијал за изразување активно граѓанство преку Интернет, дигитални технологии и социјални медиуми. Учеството во овој проект ќе им овозможи на младите луѓе и нивните лидери да развијат основни дигитални компетенции и да стекнат нови идеи за започнување на сопствено самоучење, што е можно благодарение на интернет ресурсите и современиот технолошки развој.
Услови за учество:
- Групниот лидер треба да е постар од 21 година и има претходно искуство со младинска работа и неформално образование
- Учесниците треба да се на возраст од 18 до 30 години без потреба за претходно искуство
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на младинската размена
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на младинската размена
- Согласност да се почитуваат сите правила за проектот поставени од организаторите
- Пасош кој има уште минимум 6 месеци важност од почетниот датум на проектот (потребно за патување)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до 180€) се целосно покриени од организаторите.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 1000 денари на сметка на здружението како котизација за учество.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на подготвителниот состанок и на младинската размената, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните дати!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Размена во Бугарија“.