ЦЕТ платформа одржа информативна работилница за програмата Еразмус+
Програмата Еразмус+ на Европската Унија и нејзините можности за младите и граѓанските организации беа претставени пред учесниците од проектот „Здружени за посилно граѓанско општество“ што го спроведува ЦЕТ платформа.
Обучувачот Бојан Коцевски ги претстави целите и приоритетите на Еразмус+, нејзините клучни акции и можности, а истовремено детално го објасни и начинот за аплицирање на проекти, за кој учесниците побараа да се спроведат дополнителни работилници на кои активно би пишувале проектни идеи за кои би добиле менторство и фидбек. На работилницата беа разработени и идеи за проекти за кои беа изработени скици за идно реализирање. Учесниците покажаа голема заинтересираност, но истовремено изразија потреба од дополнителен водич, практични совети и конкретни успешни примери за олеснување на апликативниот процес кои би го овозможила Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, институција која ја координира програмата Еразмус+ во Република Македонија.
Според Бојан Коцевски, кој активно работи со програмата Еразмус+ во областа на младите од нејзиниот почеток во 2014-та година, таа нуди многу можности за личен и професионален развој на младите и младинските работници, но и непроценливо искуство за запознавање со врсници од Европа и меѓународни добри практики, зголемување на самодовербата, добивање на нови вештини за работа и неформално учење. ЦЕТ платформа од нејзиното основање во 2016-та година досега учествувала како партнерска организација на преку 70 Еразмус+ проекти на кои испратила околу 300 млади и младински работници.
До сега ЦЕТ платформа успешно организираше три работилници со акцент на граѓанскиот активизам, младинското учество и иницијативност. Со овој проект, ЦЕТ платформа има за цел да овозможи информации за начините на создавање посилен капацитет на граѓанските организации, но истовремено да ги мотивира младите да го зајакнат и искористат потенцијалот за активно учество во креирањето на младинските политики. Во иднина, ЦЕТ платформа ќе организира посети на неколку институции кои имаат релевантни информации за аплицирање на проекти. Проектот „Заедно за посилно граѓанско општество“ е поддржан од Агенцијата за млади и спорт.