Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА – Скопје објавува отворен повик за 5 млади лица и 1 младински лидер за Еразмус+ младинска размена „Youth’s Perspective on Employment“, која ќе се одржи во Чанкири, Турција од 16-ти до 22-ри август 2021 година.
“Youth’s Perspective on Employment” е проект за мобилност на млади дизајниран да се справи со универзалните проблеми со вработувањето кај европската младина и да создаде свест за барање на решенија. Целите на проектот се: да се зголемат знаењата и вештините за вработување на учесниците и поединците / институциите / организациите кои работат со целната група, како и да се создаде свест и соработка за справување со глобалниот проблем со невработеноста.
Покрај проблемот со невработеноста, ќе се работи и на темите за меѓукултурно учење, меѓучовечка комуникација, зголемување на дијалогот со европските земји, создавање позитивно влијание врз процесот на членство на Турција во ЕУ, подобрување на меките вештини на учесниците, презентирање на програмата Еразмус + и охрабрување за учеството во неа, употреба на неформални методи во образованието, солидарноста и соработката за меѓународен проблем.
Во проектот ќе учествуваат 36 млади луѓе на возраст од 16 до 30 години од С. Македонија, Турција, Полска, Латвија, Литванија и Романија.
Услови за учество:
- Учесниците треба да се на возраст од 16 до 30 години
- Младинскиот лидер/ка треба да биде постар/а од 21 година (без краен лимит) и да има искуство со младински проекти и програмата Еразмус+
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на размената
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на проектот
- Согласност да се почитуваат сите правила за проектот поставени од организаторите (види во Инфопак)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до максимум 275€) се целосно покриени од организаторите. Во моментов не се потребни ПЦР или брзи тестови за влез во Турција за македонски граѓани, меѓутоа доколку се потребни и тие ќе бидат рефундирани. Рефундацијата на сите трошоци ќе биде направена за време на младинската размена во кеш во евра.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 600 денари на сметка на здружението како котизација за учество.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на младинската размена, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните дати!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Младинска размена во Турција“.