Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА – Скопје објавува отворен повик за 4 млади лица и 1 младински лидер за Еразмус+ младинска размена „Social Influencers“, која ќе се одржи во Јанина, Грција од 1-ви до 9-ти јули 2021 година.
Главните цели на проектот „Social Influencers“ се: да ја подигне свеста и да ги промени ставовите и однесувањето на младите кон културната разновидност, да им ги обезбеди потребните алатки за организирање на активности за подигање на свеста за културната разновидност на работното место, развој на нивните вештини за употреба на нови технологии и разни медиуми, да се подобри размената на мислења и соработката на младите од балканските земји и да се развијат капацитети и вештините на младите.
Главна тема на младинската размена е културна разновидност во работната средина, интеграција на имигранти/бегалци и нивно прифаќање на работното место. Главните резултати на проектот ќе бидат рефлексија и подигната свест кај младите на овие теми што ќе се постават за време на размената. Подлабоко разбирање на имигрантите/бегалците, развој на интеркултурната компетентност на младите, ублажување на нивните стереотипи и предрасуди и нивно активирање за дејствување против овие појави се истотака очекувани резултати од проектот. Методологијата на размената се заснова на неформални методи на учење со акцент на искуствено и врсничко учење.
На младинската размена ќе учествуваат 35 млади и младински лидери од Грција, С. Македонија, Бугарија, Романија, Хрватска, Србија и Турција.
Услови за учество:
- Учесниците треба да се на возраст од 18 до 30 години
- Младинскиот лидер/ка треба да биде постар/а од 21 година (без краен лимит) и да има искуство со младински проекти и програмата Еразмус+
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на размената
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на проектот
- Согласност да се почитуваат сите правила за проектот поставени од организаторите (види во Инфопак)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до максимум 180€) се целосно покриени од организаторите. Доколку се потребни негативни ПЦР тестови за влез во Грција, трошоците за истите ќе бидат покриени од страна на организаторите.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 600 денари на сметка на здружението како котизација за учество.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на младинската размена, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните дати!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Младинска размена во Јанина“.