Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА – Скопје објавува отворен повик за 5 млади учесници и 1 лидер на група за Еразмус+ младинска размена (youth exchange) „Green Guardians – Growing Green Together“, која ќе се одржи во Велики Житник, Госпиќ, Хрватска од 28-ми март до 4-ти април 2025 година.
Проектот има за цел да ја подигне свеста за заштита на животната средина, одржливиот живот и поврзаноста меѓу човештвото и природата. Учесниците ќе имаат можност да стекнат теоретско знаење и практични вештини за примена на еколошки практики во секојдневниот живот. Преку работилници, учење во природа и интеркултурна размена, проектот ќе поттикне соработка и иновативно размислување за справување со еколошките предизвици.
Работните методи ќе се базираат на неформално образование, вклучувајќи тимски активности, игри, дискусии, работилници, презентации и практични вежби за управување со отпад, циркуларна економија, здрава исхрана и ментално здравје.
На младинската размена ќе учествуваат 30 млади и младински лидери од Хрватска, Романија, Бугарија, Србија, Словачка и Македонија.
Услови за учество:
- Лидерот на групата треба да е постар од 18 година и има претходно искуство со младинска работа и неформално образование
- Учесниците треба да се на возраст од 18 до 25 години без потреба за претходно искуство
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на младинската размена
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на проектот и за споделување на своето знаење и искуство
- Согласност да се почитуваат сите правила и задачи за време на проектот поставени од организаторите (види во Инфопак)
- Пасош кој има уште минимум 6 месеци важност од почетниот датум на проектот (потребно за патување)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до 210€) се целосно покриени од организаторите. Учесниците треба да ја искористат „Green Travel“ иницијативата за патување со автобус, воз или приватно возило до местото на одржување на проектот.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 1000 денари на сметката на ЦЕТ платформа како котизација за учество што ги покрива оперативните, административните и подготвителните активности на здружението поврзани со испраќањете на проектот.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на младинската размената, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните датуми!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Размена во Хрватска“.
