Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА Скопје објавува отворен повик за 5 учесници за Еразмус+ обука (training course) „Beyond Borders: Fostering Employability and Digital Innovation for Rural Youth”, која ќе се одржи во Стара Бистрица, Словачка од 15-ти до 22-ти мај 2023 година.
Главната целта на обуката е да ги опреми младинските работници со знаења и вештини неопходни за поддршка на младите луѓе од руралните области во развојот на нивните дигитални компетенции, промовирање на саморазвојот, подобрување на менталното здравје и зголемување на вработливоста.
Обуката ќе им обезбеди на учесниците практични алатки и ресурси за дизајнирање и имплементација на дигитални проекти, проекти за саморазвој, проекти за ментално здравје и проекти за вработување кои се однесуваат на специфичните потреби и предизвици со кои се соочуваат младите во руралните области. Учесниците ќе научат како да го олеснат користењето на дигитални технологии и онлајн ресурси во нивните проекти, како и како да го промовираат личниот и професионалниот развој на младите луѓе од различно потекло.
До крајот на обуката, учесниците ќе можат да дизајнираат и имплементираат ефективни проекти кои промовираат дигитална писменост, самосвест, ментално здравје и вработливост кај младите од руралните средини, а со тоа ќе придонесат за нивната социјална вклученост и благосостојба.
На обуката ќе земат учество 34 младински работници и младински лидери од Македонија, Словачка, Чешка, Романија, Бугарија и Италија.
Услови за учество:
- Постари од 18 години и претходно искуство со младинска работа и неформално образование
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на обуката
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на проектот
- Согласност да се почитуваат сите правила за проектот поставени од организаторите (види во Инфопак)
- Пасош кој има уште минимум 6 месеци важност пред почетокот на обуката (потребно за патување)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до 275€) се целосно покриени од организаторите. Учесниците имаат можност да користат „Green Travel“ за патување со автобус, воз или приватно возило до местото на одржување на проектот, при што патните трошоци во тој случај може да бидат целосно рефундирани до 320€ по учесник.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат и 1200 денари на сметката на ЦЕТ платформа како котизација за учество што ги покрива оперативните, административните и подготвителните активности на здружението поврзани со испраќањете на проектот.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на обуката, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните дати!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Обука во Словачка“.