Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА Скопје објавува отворен повик за 3 учесници за 2 Еразмус+ обуки (training courses) „Youth Activator in Harmony 2.0″, кои ќе се одржат во Поронин, Полска од 27-ми февруари до 4-ти март и Вроцлав, Полска од 1-ви до 4-ти април 2025 година.
Главната цел на проектот е да го подигне потенцијалот на младите луѓе и да ја подобри нивната благосостојба со користење на креативна, инклузивна и иновативна неформална методологија која стимулира учење, искуства и споделување меѓу учесниците. Проектот цели да ги опреми учесниците со искуство, знаење и вештини за користење на методологија за работа со млади, со фокус на младите со помалку можности која се состои од импровизација, пеење и движење, ненасилна комуникација, свесност, создавање на звуци со тело, активности на отворено и други креативни методи.
Проектот се состои од 2 мобилности за младински работници: обука и состанок (лабараторија) кои се поврзани и на кои треба да учествуваат истите учесници. Обуката ќе се состои од запознавање со другите учесници, вовед во методологијата, преставување на различни креативни методи за учење и практични работилници на теми за лидерство, тимска работа, ментално здравје и фасилитација. На втората мобилност (лабараторија) ќе им се даде време и простор на истите учесници практично да ги искористат искуствата, знаењата и вештините добиени од првата обука. Учесниците ќе дизајнираат свои работилници и методи кои потоа ќе ги фасилитираат со другите учесници под менторство и насоки од искусни обучувачи.
На обуката ќе учествуваат 18 младински работници и младински лидери од Македонија, Полска, Латвија, Грција, Португалија и Турција.
Услови за учество:
- Постари од 18 години и претходно искуство со младинска работа и неформално образование
- Способност за добра комуникација на англиски јазик кој е работен јазик за време на обуката
- Мотивираност и подготвеност за учество во сите активности на проектот и за споделување на своето знаење и искуство
- Подготвеност за учество во двете активности на проектот: Обука во Поронин, Полска (27.02 – 04.03.2025) и Лабараторија во Вроцлав, Полска (01 – 04.04.2025)
- Согласност да се почитуваат сите правила за проектот поставени од организаторите (види во Инфопак)
- Пасош кој има уште минимум 6 месеци важност пред почетокот на обуката (потребно за патување)
Сите трошоци за сместување и храна, како и патните трошоци (до 309€) се целосно покриени од организаторите.
Одбраните учесници ќе треба да уплатат 1200 денари на сметка на здружението како котизација за учество.
Доколку сте заинтересирани да учествувате на подготвителниот состанок и на младинската размената, најпрво внимателно прочитајте го инфопакот за проектот, па потоа пополнете го апликациониот формулар. Ве молиме да аплицирате само доколку сте 100% сигурни дека сте слободни да патувате и учествувате на проектните активности за време на планираните дати!
Доколку имате прашање или нејаснотии, контактирајте не на [email protected] со назнака (subject) „Обуки во Полска“.
