
Здружението за едукација и тренинг ЦЕТ ПЛАТФОРМА Скопје е доброволно, непрофитно и невладино здружение на граѓани, формирано со слободно здружување на граѓаните заради остварување, заштита и усогласување на своите интереси и уверувања за унапредување на граѓанското општество и локалните заедници, промоција и заштита на човековите права, како и заради вршење на дејности и активности за поттикнување на моралните и граѓанските вредности, зајакнување на меѓуетничките односи, афирмација на младите во општеството, промоција и заштита на медиумските слободи, права и стандарди и економски развој на територијата на Република Македонија и пошироко, а во согласност со Уставот и Законите.
ЦЕТ платформа е формирана во јануари 2016-та година од млади, мотивирани, компетентни и искусни младински работници, младински лидери, активисти и експерти кои се активни во граѓанскиот сектор и вклучени во младинска работа од 2008-ма година.
Преку својата работа, ЦЕТ платформа се обидува да го стимулира личниот, професионален и општествен развој на младите, како и да поттикне нивно активно и одговорно учество во општествените, културни, политички, образовни и економски процеси.
ЦЕТ платформа Скопје е македонскиот огранок на CET platform мрежата која има преставништва во Србија, Хрватска, Црна гора, Словенија, Косово, Бугарија, Грција, Полска, Италија, Литванија и Босна и Херцеговина и Латвија. Организациите кои се дел од ЦЕТ платформа мрежата се обединети за да понудат поддршка, услуги и експертиза на полето на развој на граѓанското општество, демократските институции, граѓанските вредности и неформалното образование за сите граѓани, а особено за младите во нивните држави, но и на европско ниво. Мрежата цврсто ги поддржува и промовира европските вредности преку работата на нејзините членки и ја поддржува интеграцијата во ЕУ на државите-кандидати за членство.

Во моментов ЦЕТ платформа има активни членови и волонтери кои припаѓаат на различни етнички, религиски и родови групи кои живеат во Македонија. Нашите членови имаат различни профили и искуства, меѓутоа повеќето од нив се активни во младинска работа, неформално образование и граѓански активизам од 2008-ма година како дел од повеќе организации. Тие биле во улоги на учесници, асистенти, логистика, координатори и организатори на разни локални, национални и меѓународни проекти на различни теми во рамки на програмите: Млади во Акција, Европа за Граѓаните, Еразмус Плус и No Hate Speech Movement.
Со текот на годините, нашите членови се имаат здобиено со многу искуство, знаење, вештини, пратики и методи за младинска работа, неформално образование и менаџирање на проекти (претежно за млади). Нашите членови имаат долгогодишното искуство и знаење за планирање и пишување на проектни апликации, имплементација и евалуација на локални и меѓународни проекти. Повеќето од членовите на ЦЕТ платформа биле волонтери или работеле за други непрофитни и невладини организации во Македонија, а некои од нив биле волонтери (преку програмата Европски Волонтерски Сервис) во организации во други држави.