Глобалната економска криза која ја предизвика пандемијата од КОВИД-19 доведе до губење на многу работни места. Вистинските ефекти врз економијата ќе се дознаат во наредните години, но она што за сега е очигледно е дека работниците и државите во развој се под тежок удар. Според Меѓународната организација на трудот, се претпоставува дека над 1 милијарди неформални работници ќе ги изгубат своите работни места. Во погодените класи влегуваат и работниците со привремени договори, самовработените, сезонските работници и младите.
Во Република Северна Македонија постојат 180.000 работници со нетипични договори за работа, а од нив голем дел се млади. Но, покрај негативните ефекти врз вработувањето, оваа криза врз младите влијае и врз нивното образование, нивните права, нивната продуктивност и нивното ментално здравје. Сето тоа во иднина ќе ја отежни потрагата по добро и стабилно работно место.
Затоа Асоцијацијата за едукација и тренинг ЦЕТ платформа има чест да Ве покани да земете учество на отворена дискусија која ќе се обиде да одговори на следните прашања – Кон каков работен однос треба да се стреми младиот работник? Зошто стабилниот работен однос е неопходен за личниот развој? Како може младите работници да се информираат и да си ги заштитат своите права?
Дискусијата за предизвиците на младинската вработеност за време на КОВИД-19 ќе се одржи онлајн преку платформата Microsoft Teams на 25-ти ноември 2020 (среда) од 18 часот. Дискусијата се организира во рамки на проектот „Заштита на младите работници во време на Ковид-19“, кој е финансиски поддржан од Агенцијата за млади и спорт.
Дискусијата ќе ја води Кире Василев, магистер по Труд, социјални движења и развој на Школата за ориентални и афрички студии при Универзитетот на Лондон. Има учествувано во неколку научни истражувања од областа на работничките права и работничките организации. Моментално работи како советник за труд и економски развој.
Предвидено е работилницата да трае 1 час и 15 минути, при што добредојдени се преставници на граѓанскиот сектор, членови на граѓански организации, заинтересирани млади лица и други граѓани.
Ве молиме учеството да го потврдите преку пополнување на формуларот за регистрација. Линкот до онлајн дискусијата ќе биде споделен со пријавените учесници на нивната мејл адреса.