Дали сакате да поминете неколку денови во странство учејќи или пак споделувајќи искуства со млади лица од други земји? Дознајте повеќе за тоа што се младински размени и за тоа како да учествувате во нив.
Што е младинска размена?
Младинските размени (Youth exchanages) им овозможуваат на групи млади луѓе од најмалку две различни држави да се сретнат, учат и живеат заедно од 5 до 21 ден, а притоа да учат едни од други за своите земји и култури.
За време на младинската размена, учесниците, поддржани од група лидери, заеднички спроведуваат работна програма (мешавина од работилници, вежби, дебати, играње улоги, симулации, надворешни активности итн.) дизајнирани и подготвени од нив пред размената. Младинските размени им овозможуваат на младите да: развијат компетенции; станат свесни за социјално релевантни теми/тематски области; откриваат нови култури, навики и животни стилови, главно преку учење од колегите; зајакнат вредности како што се солидарноста, демократијата, пријателството итн. Овие проекти вклучуваат активно учество на младите луѓе, и се подготвени за да може да им помогнат да откриваат и да станат свесни за различната општествена и културолошка реалност, да учат едни од други, и да го зајакнат чувството да се биде европски граѓанин.
Процесот на учење кај младинските размени се остварува со помош на методи за неформално образование. Доста кусото времетраење го прави учеството на лицата со помалку можности соодветно; оттука, младинската размена нуди меѓународно искуство на мобилност во безбедна група со можност да се има адекватен број на лидери на групата кои би се грижеле за учесниците. Младинската размена може, исто така, да биде добра средина за дискусија и учење на прашањата на инклузија и разновидност. Младинските размени се базираат на транснационалните соработки меѓу две или повеќе организации-учеснички од различни држави од Европска Унија и надвор од неа.
Кој може да учествува?
Сите од 13-30 години. Младинските размени вклучуваат минимум 16 учесници, а максимум 60, не вклучувајќи го лидерот на групата.
Како може да дознаам за младинската размена кога бараат учесници?
Можете да ја контактирате Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност или различни локални организации кои што работат со Еразмус +. Исто така можете да најдете информации или нови повици на специјалните веб страни како и преку социјалните медиуми. На пример можете ги следите нашите повици за учесници на нашите веб, фејсбук и инстаграм страници.
Што треба да направам за да земам учество?
Потребно е да ја контактирате организацијата и им дадете до знаење дека сте заинтересирани да учествувате или го пополните нивниот апликационен формулар. Доколку има многу кандидати, организацијата може да побара од вас да ја испратите вашата кратка биографија и мотивационо писмо. Обрнете доволно внимание и посветете време во апликациониот формулар да ја искажете добро вашата мотивација за учество и зошто баш вие треба да бидете одбрани како учесник, бидејќи вообичаено тоа е главниот механизам за селекција.
Доколку сте избрани потребно е да пополните апликационен формулар од органиизацијата и тие може ќе побараат од вас да се сретнете, во живо или виртуелно. Доколку станува збор за група, може да добиете обука, совети и корисни информации пред заминување, како и поддршка за време на активностите додека сте во странство.
Не зборувам одлично англиски, дали може сепак да учествувам?
Како организација се трудиме да не ставиме многу критериуми за учество на младински размени, затоа што за нас е многу важна инклузивноста односно сите да имаат шанса да учествуваат без разлика на нивните позадини, искуство, знаења и вештини. Затоа ние вклучуваме млади лица на младински размени кои што не зборуваат течно англиски јазик, затоа што другите лица можат да им помогнат со превод и да ги вклучат. Тоа може да ги мотивира да го учат подобро јазикот.
Дали учеството е бесплатно?
Да. Во повеќето случаи учеството е бесплатно. Освен тоа водејќи се според правилата на програмата, сместувањето, храната и дневните потреби на проектот се покриени од организаторот. Авионските, автобуските и возните билети за патување се исто така вклучени. Понекогаш билетите можат да чинат малку повеќе од она што е предвидено во калкулаторот за далечина и можеби лицата ќе треба да си платат разликата сами. Во некои случаи организациите можат да аплицираат за партипацијата, но тоа е реткост.
Зошто би препорачале да се биде дел од младинска размена?
Искористете ја шансата да се приклучите кон ваквите активности. Тоа им дава можност на младите лица не само да ги развијат нивните компетенции во различни полиња, но исто така да се социјализираат за различни теми и области кои што не се вообичаени за нивниот секојдневен живот. Како организација, ние ги охрабруваме младите лица да истражат нови култури, нови навики, нов животен стил, да учат со млади лица слични на нив. Ова е најдобрата работа во младинската размена, да учат за подобрување на нивните вештини. Постојат лица кои се различни и од различна културна средина но и кај нив постојат сличности. Ние се фокусираме на сличностите за да направиме младите лица да бидат свесни дека тие се иднината.
Што НЕ претставуваат младинските размени?
- академски студиски патувања
- активности за размена кои имаат за цел остварување на финансиска добивка
- активности за размена кои може да се класифицираат како туристички
- фестивали
- патување за користење на одмор
- јазични курсеви
- тури за претстави
- размена на училишни класови
- спортски натпревари
- статутарен состанок на организации
- политички собири
- работни кампови